Славко за Кобајаши Мару: Case-study за тоа како треба да изгледа еден беспрекорен роман!

Извонредно четиво кое останува во глава долго откако ќе се заврши. Приказна која вешто го води читателот низ возбудливи случувања, но и длабока софистицирана мисла.

Иако Кобајаши Мару во својата жанровска класификација претставува крими роман, оваа книга разработува широк дијапазон на идеи кои се проткаени низ целата нејзина должина. Приказната е втемелена во времето во кое живееме, но си игра со безвременски концепти кои претставуваат зрела критика на бројни општествени норми и модалитети, како и доза на филозофски дискурс кој би ги задоволил и најсериозните уживатели на квалитетна фикција.

Ликовите кои ги пратиме имаат богат внатрешен живот, и интересни гледишта кои се релевантни за многубројни животни ситуации. Се чини дека секој од нив претставува прозорец низ кој може да допреме до еден нов свет – лавиринт кој нема крај, и кој укажува на повеќе димензионална комплексност. Без разлика кои се моменталните стремежи и предизвици во животот на читателот, оваа книга е верен сопатник. Во тој контекст, задоволството е повеќеслојно – од една страна, развојот на приказната, која динамично тече, е доволен сам по себе, но од друга страна ги имаме сите оние засебни бисери со кои човек може длабоко да се поврзе, и кои може да продолжи да ги носи со себе и долго после завршување на ова четиво.

Оваа динамика ја прави книгата да биде многу повеќе од жанрот во кој се наоѓа, и ја доближува до сериозна публика која знае да цени длабоки и слоевити приказни, дури и доколку нема интерест за оваа тематика.

Од друга страна пак, Анде е извонреден техничар, кој вешто управува со сите алатки кои му се на располагање. Приказната ја движи преку генијална употреба на дијалог, а пак описот на сцените и внатрешниот глас на ликовите го користи како би го втурнал читателот во самите случувања, задржувајќи го таму со часови. Читајќи напред, страниците кои изминале стануваат уште повредни и побогати. Тој си игра со линеарната структура на романот со тоа што користи експозициски елементи кои доаѓаат токму тогаш кога читателот е спремен да ги впие, на тој. начин поврзувајќи ги страниците заедно, и оплеменувајќи го она што веќе сме го прочитале, одново. Да се чита оваа книга е како да се слуша канонот од Пахебал, каде после искусување на одреден сегмент, имаме можност да го уживаме повторно, овој пат со посложена структура и вешто обогатен.

Кобајаши Мару претставува студија на случај за тоа како треба да изгледа бекпрекорен роман!

Деловите кои го прошируваат жанрот, правејќи го метафикција, се одлична можност да се дојде до едно подлабоко ценење не само на оваа книга, туку и на сите други. Меѓутоа, течението на приказната е беспрекорно само по себе, поставувајќи модел од кој можат да учат дури и најетаблираните писатели.

Славко Дешиќ

Читател