Ретроспектива 2020

Британците ja имаат изреката погоре кога прават ретроспектива на изминати настани, која ептен се вклопува терминолошки со изминатава календарска 2020 година. Обично, при крајот на секоја година, секој еден поединец верувам дека прави рекапитулација на дванаесетте месеци позади него. Иако ништо суштествено не се менува од последниот ден на декември до првиот ден од јануари, прв пат овој момент сите го доживуваме во услови на светска пандемија, што целиот чин барем за мене го прави некако надреален. Би сакал да дадам едно видување во три точки за најпозитивната (no pun intended) година до сега.

Ако вирусов беше некаков тест за целото човештво низ цел свет, би се осмелил да кажам дека во најголема мера паднавме на истиот. Зошто? Тргнете од моментот дека ни откри колку сме само нетрпеливи кон мислењета на останатите. Има ли вирус? Нема ли вирус? Природен ли е? Лабораториски ли е? Теории на заговор летаат насекаде, а во меѓувреме милиони луѓе починаа низ цел свет. Додека сме на индивидуалните мислења и однесувања, пандемијата покажа дека луѓето од поразвиените земји не секогаш се умствено поразвиени од нас овде. И моите колеги од Германија имаа проблеми да си се снабдат со тоалетна хартија и брашно исто како и луѓето кај нас. Што друго? Излезе дека слободите и комфорот што го уживаат луѓето низ европските земји е кочница во случај на светска пандемија. Британците ги молеа со недели да се откажат од препивање по пабови на почетокот од пандемијата, така што сите оние што се качуваа по маси во кафаните по олабавување на мерките на пролет, не мораат да се чувствуваат нешто поназад. Како за крај, што научивме за општествените односи низ целиот свет? Додека стотици илјади луѓе останаа без работа, оние најбогати поединци се збогатија неколкукратно повеќе и истото продолжува и понатаму. Некако не ми изгледа фер, ниту пак е факт со кој што било кој треба да се гордее. Во меѓувреме, системи и земји со кои немаме многу допирни точки успеаа и здравствено и економски да се сносат многу подобро со пандемијата. Да не случајно земаме пример од погрешни авторитети?

Што е пак со Македонија? Истите заклучоци во мало. Голем број на лица почувствуваа потреба да скријат дека воопшто го закачиле вирусот, мислиш закачиле ХИВ. Уште поголем број сметаа дека наметнати мерки за изолација се правила кои што поради некоја причина не треба да се почитуваат, иако во себе ја носеле болеста. Најстрашно од се е тоа што во некои од нив се вброија и јавни и политички личности, а по дефиниција, овие лица треба да бидат пример пред останатите. Што е со работите на општествено-економски план? На вака кревка економија, истата пресликаност од светски рамки би била погубна за цела земја. А токму тоа се случува, за жал. Голем број економски субјекти отидоа во неповрат, но затоа едни исти играчи кои редовно работат со огромни добивки си добија државна помош. Многу нормално, ќе дојде време на избори, ќе ja вратат кај партиите услугата мило за драго. Еднакво општество за сите, ама некои се поеднакви од сите други. Не бива така другари, не сме во камено доба.

На крај, што научив лично за мене во годината која што изминува? Можеби нешто што веќе го знаев, но дефинитивно истото се потврди како точно. Сите оние работи кои како помлад ми биле блиски, сега полека испловуваат на површина. Уметност, творење и креирање на вредност, поттикнување критичко мислење кај оние што ми значат и на поблиската околина околу мене. Верувам дека вистинската природа кај сите нас е затскриена таму некаде длабоко долу, позади сите оние погрешни вредности кои за жал се пропагираат на денешницата и при секојдневната борба за опстанок во еден немилосрден свет.

Затоа драги пријатели, во 2021 година, отварајте очи, но пред се, отварајте срце! 2020-та е сведовштво дека токму тоа ни е потребно за да дојдемо до едно подобро утре.