Јована за Кобајаши Мару: Калибрирање на наративниот фокус

Со речникот на актуелноста, Јанков во четвртото продолжение за инспекторот Виктор Николов ги поставува тезите на жанровски особености, со посебен акцент врз сеопфатната крими фикција за која лично тој се залага да ја добие потребната димензија и да излезе од стегите на потчинет жанр. Со тоналитет на веќе искусен раскажувач дејството го пушта да плови, со секое следно, поставувајќи нова социјална критика завиткана во заводлива прозна естетика. Несомнено, Анде Јанков е експериментален излетник во криминалистичката фикција.

Не само што го гледаме растот и падот на Виктор Николов, но, истовремено со неговото обликување се забележува и автогената проекција на кукларот-Јанков. Авторот не се срами да го повреди, да го понижи, да го израмни со страдалник, сѐ додека тоа го доближува инспекторот до читателот. Тука поаѓа од мантрата на вдаховување на книжевниот холограм, односно ликот. Ликот чувствува и доживува паралелно со писателот, фистуларно тие сраснуваат меѓусебе.

Имено, во „Кобајаши Мару“ ( наслов исцрпен од серијалот „Star Trek“) инспекторот Николов е на цврсто тло што се однесува на приватниот живот, Јанков во овој дел му ја дава улогата на давеник кој испливал после бродоломот. Во однос на претходниците на „Кобајаши Мару“ авторот дал најсилен труд досега, психолошки да ги надгради ликовите од серијалот и да ги понесе низ модерната одисеја која ѝ се случува на човештвото: низ лавиринтите од инфлација и војни, корупција и алчност, економска криза и хипокризија.

Животот на Виктор Николов е израмнет под либела; брачниот портрет е целосен, ќерката е во лудите години, но размислува со сопствена глава, сѐ додека на тапет не биде ставена темата за продолжување на средното образование. Поставувајќи се помалку како родител-хеликоптер, сака да влијае на одлуката на ќерка си без притоа да го загрози нејзиното чувство на компетентност, идентитет во оформување и сопствениот кредибилитет.

Под влијание на лепеза светски книжевници, секој од нив извикан во своето поле на работа, почнувајќи од Несбе, преку асимилација на интуитивниот дијалог на Венко Андоновски, по малку и од футуристичката логика на Орвел, но и пункција на луцидноста од античката фокализација , авторот го развива дејството како во темна комора, дел по дел, сѐ додека не ја индуцира целосната слика. Видлива е и синусоидната линија на позадинско раскажување, преку гласот на Даниел, во кој Јанков вложил најмногу од сопственото „јас“, а го одгледува нуклеусот на создавање, креацијата од која се испилува книжевното дело како такво, па без потешкотии авторот ја користи метафикциската техника на „poioumena“.

Доколку Јанков го започнал својот творечки универзум со „Виенски гамбит“, преку „Кобајаши Мару“ ја доживува преродбата и Големата експлозија која читателот може да ја очекува од перо какво што е неговото. А што ќе произлезе од црните дупки кои после експлозијата ги отвора како можности за понатамошен развиток, останува да прочитаме.

Јована Матевска Атанасова

Писателка