Парадоксот на нашето постоење

Еден одреден тип на луѓе, поголемиот дел од својот живот го минеме во целосна заблуда. На почетокот својата смисла, цел и постоење го наоѓаме во среќата на нашите блиски, во размислувањето дека правењето добро на другите луѓе е чин кој што сам по себе ќе не награди подоцна во животот во подеднаква мерка.

Но, она на што ретко помислуваме е дека животот не функционира на тој начин. На крајот на краиштата самите сме си одговорни за сопствената среќа. Нашите блиски се околу нас за на некој начин да ни го подобрат и збогатат животот, но смислата на нашите животи и причината поради која ние сме тука на овој свет, мораме да ја најдеме таму некаде длабоко внатре, во самите себе.

Се додека не се соочиме со своите најдлабоки стравови, демони и вистини за нас самите, не можеме да продолжиме да чекориме во животот очекувајќи дека истото тоа ќе можеме да го направиме и за другите околу нас. Себеспознавањето и издигнувањето на духот се процеси кои можат да траат во поголем период од нашите животи. Секогаш ќе постои нешто плус кое што  ќе може да го научиме за себе а на кое воопшто не сме ни помислувале до тој момент.

Проблемот настанува во моментите кога сфаќаме дека сопствените желби, замисли и среќа, не се поклопуваат со истите тие на нашите најблиски. Во тој момент, настапува долго мачење и обид да се излезе од тој процес, од тој маѓепсан круг, од бесконечните прашања од типот  -Дали нашата среќа е побитна од среќата на другите? Дали кармата ќе не стигне доколку ги повредиме другите или пак ако повторно се излажеме самите себеси? Постои ли избор во кој никој не е повреден и сите се задоволни?

Како и секогаш овие прашања ги разбираме премногу касно, кога зборовите се веќе кажани а делата  сторени. За иронијата да биде поголема, на крајот ги добиваме одговорите кои што цел живот ги бараме, но за сметка на нешто друго. Остануваме потполно сами, во тишината на сопственото постоење, духовно исполнети но емоционално скршени.  Конечно го осознаваме парадоксот на нашето постоење.