ЗА МОЌТА ШТО ЈА НОСИМЕ ВО НАС – Критички осврт кон романот Кобајаши Мару од проф. д-р Елизабета Бандиловска

Животот пишува приказни. Убави или помалку убави, обични или необични, обмислени, измислени, маркирани во време и во простор. И секој од нас пишува приказни чекорејќи во светот надвор, движејќи го светот внатре во себе, создавајќи записи од траги, повеќе или помалку видливи. Впрочем, тоа е и суштината на животот, да оставиме трага зад себе, а вистинскиот писател да ги препознае трагите и да создаде приказна. Совршена, примамлива, моќна, приказна што ќе ве натера да ја впиете во еден здив, ќе ве поттикне на безброј размисли, ќе ви понуди филозофска матрица за светот и за човекот, за предизвиците и за дилемите што ја брануваат душата и ја менуваат судбината, нудејќи нови патеки и нови чекори, секогаш создавајќи едно ново јас.

Токму Анде Јанков е еден ваков писател кој во својот петти роман „Кобајаши Мару“ се пројавува како автор на речиси совршена приказна која во себе обединува две паралелни приказни, следејќи ги животните патеки на двата главни лика – инспекторот Виктор, човекот кој случајно ќе се најде на погрешно место и во погрешно време, сам против другите, исправен пред предизвикот на невозможното, и писателот Даниел, создавачот на имагинарни светови, раскажувачот што ни открива како се пишува една безвременска приказна.

Вешто водејќи ги двете приказни како една хронолошка целина, внимателно плетејќи ги нишките на нарацијата во реалното и во имагинарното, авторот Јанков ни нуди необично прозно четиво за свет што постои во реалноста, свет што тече паралелно со светот на обичните луѓе, свет со свои правила и граници, преполн со игри и интриги, свет што е присутен во секое општество, па и во нашето. Класична криминалистичка приказна што започнува со убиство, продолжува со грабеж на банка и завршува со корумпираност на системот. Меѓу трите движечки точки на оската на авторската нарација среќаваме интересни ликови со различни животни патеки, различни размислувања, предизвици, дилеми, избори. Мноштво од добро обмислени авторски компоненти и потези коишто пред нас откриваат интересен кримироман со елементи на психолошки трилер, на метафикција и на класичен модернизам кој во себе ги содржи и ги обединува и двата понови стила – постмодернизам и метамодернизам.

Истовремено, авторот Јанков ни се претставува како вешт и искусен прозаист кој успева да ни го задржи вниманието од првата до последната страница, да нè внесе во приказната до степен на впивање и себеоткривање преку поистоветување со многу од животните ситуации, прашања и размислувања на главниот лик, инспекторот Виктор. Исправен пред предизвикот на невозможното, борејќи се со оние што скршнале од редот и законот, но и со сопствените мисли, да се издржи, да се преживее, да се излезе како победник во сите борби внатре во себе и надвор со другите, тој ја одигрува улогата во реалноста што писателот Даниел ја сместува како фикција во своите романи. И во двете приказни, и во двата наративи што мошне умешно ги движи перото на Јанков, се пројавува прашањето да се биде, односно како да се биде во едно општество на извртени вредности, на неморал сокриен под маската на чесност, на постоечка алчност зад скриените паравани. Како да се помине тестот на непобедливоста, да се совлада невозможното, да се остане човек среде сите бури и по сите преживеани удари од животот и од општеството.

Читајќи го „Кобајашу Мару“, ќе наидете на многу прашања и ќе дојдете до многу одговори, но и ќе уживате во задоволството на „читање во еден здив“ благодарение на одличниот спој на повеќе книжевни жанрови, на одлично водената наративна постапка од страна на Јанков, на богатиот живописен јазик со современи елементи и со цитати од светски познати дела од областа на книжевноста и на филмската уметност. Речиси совршен спој меѓу содржината и формата на совршената кримиприказна на Анде Јанков што на моменти го изместуваат одделни лекторски пропусти.

Земајќи за наслов поим од култната серија „Ѕвездени патеки“, Анде Јанков во својот роман „Кобајашу Мару“ уште еднаш ја потенцира моќта на човекот и на неговиот ум, и тогаш кога се наоѓа на работ на бездната, на безизлезноста, на невозможноста, и тогаш кога секој возможен избор води до пораз. Но истовремено укажува и на она најважното – решението секогаш е во нас и во промената што ја носи направениот избор.

проф. д-р Елизабета Бандиловска