Виенски Гамбит – Официјална промоција (23.07.2020)

Пред платото на МКЦ – Младински Културен Центар оваа недела беше промовирана најновата трилер книга ,,Виенски Гамбит” на Анде Јанков. Тоа е негово второ дело.

Настанот го водеше Софија Петрова Стојков од Антолог – Книжевен центар, а промотер беше авторот Денис Бојаров.

„Виенски Гамбит“ е вториот роман на Анде Јанков, во издание на издавачката куќа „Антолог“ кој ги поместува границите на интригантноста. Возбудлив трилер што ќе ве држи во неизвесност до самиот крај.

Во согласност со препораките за организација на вакви настани, беа испочитувани сите мерки за држење растојание, носење маски и дезинфекција.

Модераторот Софија Петрова Стојков го отвори настанот и промоцијата за трилерот ,,Виенски Гамбит,, и изјави како Анде Јанков и тоа како созреал во однос на неговото првенче. Оваа книга е вистински трилер во вистинска смисла на зборот. Интригантен, тензичен и непредвидлив роман, кој ве држи во недоумица до последната страница. За наши и ваши радости оваа приказната не завршува со оваа книга, предвидени се уште 7-8 изданија, и исто така ќе ви кажам дека и вториот дел е веќе готов, тоа е едно од придобивките на короната и изолацијата, Анде успеа веќе да го напише и вториот дел.” – изјави Петрова Стојков.

„Оние кои што ја прочитаа и мојата прва книга знаат дека трилер жанрот ми е омилен книжевен правец. Затоа и сега во мојата нова книга може да се каже дека само ги нагласив крими елементите а динамиката на приказната си остана како и кај секој трилер роман. Сметам дека ваквата литература на нашето книжевно поднебје ја има премалку, па и затоа дефинитивно се насочив кон тој правец.” – вели Јанков.

„Дејството го одбрав да биде во Виена, поради две причини. Прво, сакав да биде сместено во град од германско говорно подрачје, паралелно на тоа што „Едно лето на Крит“ беше сместен во земја каде се говори грчки. Настаните се целосно измислени, но направив голем напор, при создавањето на ликовите и на дејството како сето тоа би изгледало дека и навистина може да се случи. Второ, имав за цел да доловам колку што можам повеќе од убавините на прекрасната Виена. Што се однесува до насловот на делото, оставам читателите да ја прочитаат книгата до крај, каде верувам би им било јасно зошто токму тој наслов го одбравме како конечен.“ – посочува Јанков.

„Ликовите кои се сретнуваат во оваа книга ќе продолжат да живеат низ страниците на следните наслови. Секако понатаму ќе сретнеме и други ликови кои биле само спомнати во оваа прва книга. Намерата е најдобар дел од серијалот да продолжи во Скопје, што не значи дека по потреба на приказната дејството не би „скокнало” и во други градови низ Македонија или надвор од неа.“ – додава Јанков.

Промоторот, писателот Денис Бојаров за трилерот ,,Виенски Гамбит,, рече дека книгата е нешто налик на американски трилер, но на европско тло. Мене таков впечаток ми остави. Ликовите се добро изградени и од секој лик дознаваме нешто важно околу приказната. Приказната има неколку неочекувани пресврти, држи внимание до крај и верувам дека ќе уживате во овој роман.” – изјави Бојаров.

За делото:
Виктор Николов е 33-годишен инспектор на Одделението за крвни деликти од Скопје. За време на својот летен одмор, заминува за Виена во посета кај својот помлад брат Даниел, пропаднат писател што одвај преживува работејќи како бармен во еден елитен ноќен клуб.
Додека ја истражува неодоливата Виена, Виктор ја запознава Карен Фишер, Австријката со која истата вечер завршува во кревет.
Но прекрасната ноќ се претвора во кошмарно утро. Девојката на Даниел е пронајдена мртва, а тој нема алиби. На површина излегуваат неодамнешните расправии меѓу нив и ситуацијата се заплеткува во неочекуван правец.
Може ли да му се верува на сопствениот брат, кој тврди дека е невин? И како да се повлече граница помеѓу, кога главниот истражител што го гони твојот брат е жената со која си спиел пред неколку вечери?

За сите кои не ја изгледа првата премиерна онлајн промоција можете да ја изгледате на следново видео.

https://www.facebook.com/watch/live/?ref=watch_permalink&v=247925246592498