„Секој еден може да раскаже приказна. Проблемот се јавува кога треба да се раскаже прекрасна приказна, којашто ќе допре до срцата на илјадници.“
Во петтитот роман на Анде Јанков, четврт од серијалот за инспекторот Виктор Николов, „Кобајаши Мару“ го следиме нагорниот пат и творечкото зреење на Јанков.
Пред нас имаме сочна, многуслојна приказна која сама по себе претставува предизвик и провокација, и за обичниот читател и за познавачите на науката за книжевност. Не само поради фактот кој произлегува од самосвесноста за сопствениот текст, метафикцијата и практичната импликација на сѐ она што теоретски е кажано во врска со анатомијата на приказната, туку поради совршено дизајнираниот нуклеус.
Храбро, самоуверено, на моменти проткаено со позитивна „нарцисоидност“, во недостиг на книжевна критика, Анде одржува лекција за пишувањето, за структуирањето на приказните и за сѐ што е потребно за добра книга.
Изразувајќи го својот став преку размислите на ликот Даниел Николов, се добива впечаток дека испраќа индиректна опомена и за издавачите и за оние кои ги пишуваат приказните. Во таа опомена недвосмислено со квалитет се спротивставува на квантитетот и хиперпродукцијата која повеќе поради комерцијални причини стана тренд во последните неколку години.
И покрај тоа што е дел од серијалот за инспекторот Виктор Никлов, романот „Кобајаши Мару“ претставува своевиден независен дел и како таков треба да се интерпретира.
Анде Јанков неколку години ги освојува симпатиите на читателите и успешно се пробива на македонската книжевна сцена. Неговото творештво говори дека станува збор за автор со голема ерудиција кој си поигрува со книжевните постапки градејќи сложен раскажувачки свет.
Со изострен стил и сензибилитет во градењето на наративниот дискурс, Јанков го создава и неговиот најнов роман во кој мошне умешно фикционалниот текст ја вклучува и критичката саморефлексија која ја демонстрира текстуалната свест.
Пред нас имаме роман кој колку е наш, толку е и светски. Роман кој секогаш ќе биде интересен за нови книжевни интерпретации. Филозофскиот дискурс во романот отвора длабоки и сериозни размисли за животот, за смртта, за минилиоста, за изборите кои ги правиме…
Јанков одбира иновативен начин во кој содржината не претставува хипотеза што може да се извлече од насловот, туку нѝ наговестува една нова перспектива која се гради само со прогресивни умови кои не го ни забележуваат видното поле, туку градат свое.
За наслов на романот избира тренинг вежба од серијалот „Ѕвездени патеки“ која служи за тест на карактер на кадети во безизлезни случаи, која всушност е причинско – последична нишка околу која се плете заплетот во нарацијата.
Пред нас имаме брилијантен и остроумен крими роман. Прекрасен психолошки трилер. Возбудлива драма и практикум по теорија на книжевноста. Станува збор за сочна, повеќеслојна приказна која истовремено актуелизира неколку прашања.
„Кобајаши Мару“ е роман кој самосвесно и систематски свртува внимание врз својот статус на артефакт, а со цел да ги постави прашањата за односот меѓу фикцијата и реалноста.
Анде Јанков, надминувајќи се себе си во креирањето на наративниот дискурс ја користи постапката текст во текст или роман во роман, како наративна структура која е двојно индикативна: го демонстрира метафикционалното поигрување со поместување на границите меѓу текстовите и световите и ја илустрира онтолошката доминанта на постмодерната проза.
Низ романот, авторот, разгранува една внатрешна и мисловна ритмичност и понесеност, едно згустено монолошко раскажување, една респективна експресивност која блика од драматичност. Повеќеслојниот книжевен дискурс и густата нарација во која се е толку компактибилно, го потврдуваат талентот и творечката зрелост на Анде кој се наметна како првенец во крими романите.
Во романот,Јанков ги поставува тезите на жанровските особености, со посебен акцент врз крими фикцијата.Сепак, овој роман се разликува од останатите романи од серијалот за инспекторот Виктор Никлов.
Композициски романот е структуиран од пролог, 26 поглавја поделени во 5 дела и епилог. Авторот, многу мајсторски, поставува еден концепт кој претставува скриена критика на општествените норми.
Низ приказната не води оминисцентен, сезнаечки наратор. Дејството во романот се одвива хронолошки. Впечатливи се одличните познавања на детективското право и криминалистичките тактики, но и одличното познавање на психологијата и книжевната теорија.
Дејството во романот почнува последната недела од февруари, во недела на пладне на гробиштата во Бутел, а кулминацијата ја доживува во петок попладне со вооружениот напад на банката. Во креирањето на приказната своја наративна улога имаат и датумите, дури и точното време. Топонимијата исто така е вклучена како сегмент.
Нарацијата во романот е организирана во неколку раскажувачки дискурси кои се рефлектираат во раскажувачките сегменти. Фабулата може да се толкува преку неколку сижетни линии прикажани преку ликовите.
Со оглед на фактот дека романот е приказна во приказна и приказна за приказната, интерпретацијата на Кобајаши Мару може да се согледа низ призмата на двете приказни, односно двете наративни јадра:
- Приказната за инспекторот Виктор Николов
- Приказната на Даниел
Уште во првото поглавје од романот во густиот наративен дискурс добиваме податоци кои го полнат семантичкото поле на главните ликови. Уште во првиот дел имаме комплетно изградени главни ликови чии атрибути се надополнуваат во текот на нарацијата.
Романот има сложена семантичка стурктура со бројни наративни сегменти. Плени со совршено дизајниран нуклеус како примарен сегмент на нарацијата, надополнет со катализатор кој е секундарен сегмент на раскажувањето којшто претставува премин од еден нуклеус кон друг и функции како наративни сегменти кои на прв поглед не изгледаат значајни, но имаат важна улога во раскажувањето. Покрај ова, во нарацијата на Јанков, своја улога имаат и индексите коишто се детерминираат како описи, односно како дополнителни елементи за некој настан.
Посебно внимание привлекува интертекстуалноста во раскажувањето и вметнатите цитати кои ги употребува авторот, кои претаставуваат свевиден метатекст.
За нарацијата на Јанков, карактеристично е тоа што создава дефинирани ликови чие семантичко поле се интегрира од почетокот до крајот на нарацијата. Во романот имаме семантички полни ликови. Ликови кои пред нас оживуваат. Анде ги изградил своите ликови со име и презиме; портрет, односно физикусот на ликот. Во својата нарација направил биографија на ликот, со податоци за животниот тек на ликот. Ликот се фиксира во време, односно му се дава временска димензија. Јанков на ликовите им дал Генеалогија и Предикати на ликот – постапки и дејства, односно неговите актантни функции. Посебно внимание обрнал и на вербални предикати на ликот – монолозите, односно мислите на ликот. Во таа насока посебно внимание привлекуваат ликовите на носителите на дејството во романот: Виктор, Даниел, Сандра и Теона, но и релациите кои ги градат меѓу себе. Анде посебно внимавал во дизајнирањето на ликовите, на нивните меѓусебни релации, на дијалозите и реакциите во даден момент, на размислите, продирајќи до најдлабоките места на нивните внатрешни светови. И ништо не оставил на случајност.
Ако книжевниот дискурс го интерпретираме низ призмата на актантскиот модел на Грејмас може да забележиме статичност во однос на актантските куќички. Позициите на актантите се јасно дефинирани. Во таа насока доминантен е психолошкиот триаголник со психолошко-идеолошка карактеризација на односот субјект-објект.
Приказната на Виктор исткаена со трилер елементи, но и богат психолошки дискурс е приказна за семејството, за татковството, за моралот, за честа, за вистината и правдата. Приказната на инспекторот Виктор Николов ја разобличува трулоста на општеството во кое живееме, општество во кое вистинските криминалци не се извршителите на криминалните активности.
Преку ликот на Даниел, писателот ја открива тајната на пишувањето добра приказна.
Во првиот дел зборува за анатомија на приказната, во вториот дел за поттикнуцачкиот инцидент. Во третиот дел за прогресивна компликација, во четвртиот дел за криза и кулминација и во петиот за расплет. Анде во својот роман пишува и за Седумте клучни чекори на градење на приказните вметнати длабоко внатре помеѓу конструкцијата на трите акти, распослани низ петте составни делови кои и го даваат самиот дух на приказната.
Приказната е структурирана низ интертекстуалните и низ автореференцијалните постапки. Текстот реферира на светот на книжевноста, на другите текстови и нивните светови, односно на сопствениот текст. Станува збор за вид метафикциски постапки што самосвесно ја оголуваат онтологијата на текстот и на светот проектиран во него, ги оголуваат процесите на нивното сочинување.
Интертекстуалните и автореференцијалните постапки, како конститутивни и конструктивни постапки во романот на Анде Јанков, демонстрираат неколку важни теориски аспекти, имплицирани со наративни постапки. Имено, интертекстуалноста иницира проблематизирање и редефинирање на голем број книжевнотеориски категории, придонесувајќи за нивното преосмислување од поинаква (интертекстуална) гледна точка. Тоа, секако, имплицира и врз теоријата и врз историјата на книжевноста, но и врз самата книжевност, создавајќи елементи за нејзино редефинирање.
Во романот „Кобајаши Мару“, Јанков, истурајќи го целиот свој раскошен талент, умешмоста и пред се познавањето на раскажувачките техники прави редефинирање на миметичките концепции на книжевноста. Од една страна, интертекстуалноста покажува дека книжевните текстови учествуваат во социјалната конструкција на реалноста и не го репрезентираат екстратекстуалниот свет директно, туку посредувано, низ претходните, веќе постојните текстуализации. Од друга страна, интертекстуалноста е индикатор на постмодернистичката онтолошка доминанта, демонстрирајќи разнишаност и на онтолошкиот статус на книжевноста: таа нема непосреден однос кон референтниот свет и кон неговите значења, туку до нив доаѓа интерпретативно упатена кон другите текстови.
Но не само тоа, во овој роман, Анде го редефинира поимот текст низ призма на неговата внатрешна хетерогеност, „исткаеност“, отвореност, плуралност; суштински ги алтерира категориите авторство, структура, значење, функција, рецепција на текстот, пробематизирајќи ги оригиналноста и изворноста, и фаворизирајќи ја релационоста и во рамки на продукцијата и во рамки на рецепцијата. Од друга страна, ја редефинира комуникациската оска автор – читател, илустрирајќи го поместувањето од нивната инверзија до нивната конверзија и афирмирајќи го писателот и како читател, чиешто читателско искуство свесно/несвесно се трансформира и се проектира во сопствената авторска креација.
Интертекстуалните и автореференцијалните постапки, кои „на дело“ ги покажуваат овие редефинирања, (метафикциски) упатуваат и на една комплексна метафикциска тема – за односот меѓу книжевноста и стварноста, особено од аспект на креативното преосмислување на виталниот линк живот/стварност-книжевност. Видливи се постапкитe што ја кршат рамката и ја оголуваат онтологијата на текстот, сугерирајќи ги различните нивоа и граници во и вон текстот, релативизирајќи ги границите меѓу световите и текстовите. Со овој пост-постмодернистички роман, Анде ги поместува тие граници. Тој е свесен дека приказните не им припаѓаат на оние кои ги создаваат, туку на оние на коишто им требаат.
Стилот на Јанков е она највпечатливото, зашто читањето на овој роман се претвора во гледање филм во киносалата со холограмски проектори. Живописно, колоритно, реално.
Јазикот е лесен, едноставен, разбирлив. Описите се природни и ненаметливи. Нарацијата е спонтана, напната, неизвесна.
Ова е приказна која не те остава додека не ја впиеш, лесно си го наоѓа патот до срцето и чека некоја нова интерпретација.
м-р Десанка Николова