Рецензија од Софија Стојков за Memento Mori – потрага по себе и смислата на животот

… Она што ги повредува луѓето не се настаните што им се
случуваат, туку начинот на кој што ги интерпретираат истите –
Епиктет.

Петтиот дел на серијалот за Виктор Николов е своевиден трактат за филозофијата на стоицизмот. Не само заради насловот кој ја содржи универзалната порака, туку и поради извонредното портретирање на настаните низ романескна призма и раскажувачки техники на трилерската жанровска класификација.

Иако излегува како победник од вртлогот на настаните во четвртиот дел, Виктор Николов е на распаќе, и во петтиот дел, запаѓа во преиспитување кое јасно ја покажува обусловеноста помеѓу разумот и човечката етичност и среќа. Бидејќи користењето на разумот при навигацијата на животните настани е предуслов за доблесно воден живот и чувство на исполнетост, спротивното сценарио логично вродува со чувство на некомплетност, недоволност, гнев, огорченост и незадоволност. И баш тука е Виктор, херојот од насловните страници, инспекторот со најголем интегритет и најново – трн во окото на авторитетите.

Интересно е како целиот серијал градуирано расте, од сам против злото, преку сам против сите до сам против руинираниот општествен систем, за да кулминира во петтиот дел и Виктор да влезе во најтешката борба сам против себе.

Впрочем и целата приказна во петтото продолжение на серијалот е изградена на четирите кардинални вредности на стоицизмот како филозофија отелотворени во ликот и делото на маркантниот инспектор. Неговата практична мудрост илустрирана низ призмата на разумот и логичкото расудување при решавање на конкретни проблеми; умереноста како баланс помеѓу екстреми и самоконтрола на кои останува да поработи; правдата како есенцијално градиво во форма на уважување на заеднички интереси и на крај, секако, храброста како упорност и истрајност, волја да се спрегнат сите нешта кои можат да бидат ставени под наша контрола. Анде Јанков уште еднаш брилјира во психолошкото надградување на ликовите и нивното портретирање низ светогледот на моќната филозофска школа.

Наративот е течен, со суптилни пораки помеѓу редови, но и со јасни дијалошки форми и секаде провејува стоицизмот како амалгам на комплетната идејна и филозофска структура на делото. Уште повеќе, од аспект на широката читачка публика оваа приказна изобилува со луцидни пресврти и интригантни тригери, неизвесност и адреналин, па страниците просто се голтаат по примерот на највозбудливите светски трилери.

Како некој што е вклучен од самиот зародиш на серијалот за шармантниот скопски инспектор, слободно можам да кажам дека Анде Јанков во петата книга веќе има магистрирано на полето на крими трилерите. Подемот во стилското изразување од Виенскиот гамбит до сега е повеќе од очигледен и тоа очигледно се должи на неговото искуство, но и посветеност и постојано надоградување. Негувањето на сопствениот култ кон Ју Несбе како најголемиот помеѓу трилеџиите, има извршено суптилно влијание врз наративот на Јанков, бидејќи како велат, просечните писатели позајмуваат од другите, одличните писатели пак буквално крадат. Но не, ова не е копија на светски познат трилер, туку е одлична структуирана приказна која ги има сите предиспозиции да биде хит, уште повеќе да се преведува и да ја етаблира Македонија на светската книжевна мапа во својата жанровска класификација.

Идејата дека луѓето може да се променат со текот на времето и да станат подобра верзија од самите себе преку одлуките што ги донесуваат (Memento mori, н.з.), е безмалку идеалистичката порака која ја праќа Јанков преку неговото алтерего, писателот Даниел и тука Јанков уште еднаш остава простор за надеж за позитивни промени. Повикувајќи се понатаму на својот најсилен лик, додава дека она што хероите ги прави херои е нивната способност да прават големи и алтруистички дела за општото добро, за другите, наместо да делуваат во насока на сопствените интереси, па безмалку ја отвора вратата за уште едно продолжение на серијалот.

Впрочем и во целиот роман постојано провејува желбата, но и поривот, потребата да се остави наследство, легитимитет во дела кои траат повеќе од моменталното материјално уживање, дури и по цена на сопствениот живот и личната среќа, бидејќи во очите на смртта, единственото битно прашање е каква смисла има/л животот?

Иако е трилер, недвојбено, книгата отвора многу инторспекциски набљудувања и затоа се чита во еден здив, но долго потоа се размислува, за животот, за постапките, за делата, за важноста, за приоритетите, за сѐ. Топла препорака!

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *