Рецензија од прв читател – Memento Mori од писателката Мирјана Проданова

Чест ми е да бидам прв читател на продолжението од серијалот на Виктор Николов, од колегата Анде Јанков. Како љубител на трилер-серијали, мене секое продолжение ми е како нова средба со стари пријатели (ликовите), и оваа средба ми беше пријатно изненадување.

Кобајаши Мару заврши со cliffhanger. Премногу работи што се случија останаа да не’ држат во неизвесност до долгоочекуваното продолжение. Во која насока ќе оди бракот на Виктор и Сандра? Дали Виктор ќе плати со кариерата бидејќи не се покори на наредбата од началникот? Без грижи, бидејќи овие прашања ќе бидат одговорени во петтиот дел од серијалот.

Мементо мори започнува со нашиот главен лик, Виктор. Неговиот живот е тргнат во назадечка линија, а негов постојан придружник станува алкохолот. Му треба пауза од се’: семејството, работата и неизвесноста во кој правец оди неговиот живот. Постапките од последната книга го следат и началникот му изречува дисциплинска. Последнично на сето ова, нашиот главен лик наоѓа спас во мал одмор во Хрватска, придружен од неговиот пријател Благој. Додека животот на Виктор оди надолу, контрасно, кариерата на брат му Даниел оди нагоре. Тој е сценарист на драмска претстава и реди успех по успех, ем дома ем во странство. Претставата е хит, Виктор и останатите ликови (нови и стари) се дружат пред секој да се повлече или во ресторанот или во собите. Инспекторот Николов повторно наоѓа утеха во порокот наречен алкохол, и на враќање во неговата хотелска соба го чека изненадување – безживотно тело на член од драмскиот клуб и негов близок до телото. Како во Виенски гамбир така и во Мементо мори Виктор го поминува одморот барајќи ја вистината за тоа кој и’ пресудил на жртвата, како и спасување на невин осомничен.

Какво книгиште! Најпрво да посочам дека кај Анде ми се допаѓа тоа што во секоја книга нуди нешто ново и поразлично од претходната. Освен што уживав во враќањето на старите ликови, многу ми се допаднаа и новите – особено Поликсена. Мементо мори ми имаше доста Агата Кристи вибрации, што ми беше освежување во споредба со претходните книги. Интересно е, исто така, дека Анде не’ вади нас читателите од Скопје и не шета во Загреб со одлични описи. Книгата со секое наредно поглавје ве држи во неизвестост и како што се доближува Виктор, како и ние читателите, до вистината – нема да сакате да ја испуштите од раце. Но, дали Виктор и Сандра ќе се разделат, како и што понатаму ќе се случува со неговата кариера – останува да дознаете самите.

Од мене топла препорака, како и огромна поддршка за Анде. Верувам дека за да се пишува серијал бара многу труд и тој докажува дека е супер мајстор за пишување еден.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *