Посета на Саемот на книга 2025 – Франкфурт, Германија

Во изминатите четири денови, бев присутен на најголемиот саем на книга во Франкфурт. Иако по втор пат го посетувам овој важен настан, сепак ова беше мое прво присуство од професионален аспект како писател. 

Саемот ги оправда сите очекувања. Организацијата беше на ниво, а во фокусот како земја оваа година беа Филипините и нивната книжевност. Оваа земја достојно се претстави пред светската публика, а јас иако бев во потрага по англиската верзија на Noli Me Tangere од Jose Rizal, сепак се задоволив со една друга книга од филипинска авторка која пишува во крими жанрот. 

Македонската книжевност беше претставена на штандот на МАИ во сала 4, веднаш до хрватската литература. За разлика од поголемиот број на останати земји кои репрезентативно ја претставуваат сопствената книжевност, кај нас како и претходната година изостануваа автори кои творат во одредени жанрови, иако домашната продукција на комерцијална литература веќе од поодамна подразбира и следствено претставување пред странска публика надвор од рамките на нашата држава. 

Сепак, тоа не беше причина да не си го претставам творештвото пред литературни агенти од Европа и светот, па се надевам дека од тие средби ќе произлезе понатамошна соработка и можност за издавање во земјите од регионот и низ континентална Европа.