Преставување на македонската книжевност на Саемот на книга во Франкфурт

Академик Влада Урошевиќ и писателите Гоце Смилевски и Ненад Јолдевски – двајцата добитници на наградата за литература на ЕУ, ќе учествуваат на презентацијата на македонската литература на претстојниот Саем на книга во Франкфурт. Комесари на годинашнотото престатвување на најголемиот книжевен саем во Европа се издавачките куќи „Арс Ламина“, „Култура“ и „Три“ од Асоцијацијата на македонски издавачи со поддршка на Министерството за култура.

– На македонскиот штанд на саемот во Франкфурт оваа година од 19-ти до 23 октомври ќе бидат претставени над 500 вредни книги на повеќе од 100 македонски автори, монографии и публикации на повеќе издавачи и на повеќе институции од Република Македонија. Пред посетителите на саемот ќе бидат изложени и капиталните едиции „130 тома македонска книжевност“ преведена на англиски јазик како и „Антологискиот приказ на едицијата на македонска книжевност“ на германски јазик, во издание на НУБ Св. Климент Охридски – рече денеска на прес-конференција министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска.

Претставувањето ќе биде под мотото „Созвучја“, според наслов од песна на Шарл Бодлер.

На Саемот на книгата во Франкфурт, кој има 67-годишна традиција, секоја година учествуваат повеќе од 7.000 издавачи, со што тој е центар за претставување на издавачката индустрија од целиот свет.