Градската библиотека во Штутгарт е едно ”мало” архитектонско чудо. Проектирана од страна на Eun Young Yi, истата е oтворена за јавноста во 2011 година. Библиотеката се наоѓа во урбаниот кварт Europaviertel, на плоштадот Mailanderplatz, и е сместена веднаш до трговскиот центар Milaneo. Замислата на овој проект била да се направи еден современ културен и литературен центар, кој истовремено би служел и како позната знаменитост на градот. Уште во самиот старт, библиотеката се истакнува со својот впечатлив изглед. Зградата во форма на коцка, е подигната на девет ката, на чиј врв се наоѓаат кафе-ресторан и тераса кои фрлаат прекрасен поглед на плоштадот долу.
Урбаниот архитектонски дизајн, најдобро се забележува во внатрешноста на библиотеката. Првите четири ката се одделни еден од друг, додека почнувајќи од петтиот кат нагоре се до кровот на зградата, се работи за една средишна просторија која ги поврзува катовите со голем број на скали. Освен приземјето, на кое се наоѓа мултимедијален центар каде посетителите можат да ги користат компјутерите и интернетот, секој кат е така проектиран да соодведставува со одредена област. Осумте области се: Музика, Деца, Живот, Наука, Свет, Литература, Менаџмент и Уметност. Во централниот дел на приземјето се наоѓа голема хала во која често се одржуваат промоции и други разни настани. Библиотеката е опремена и со неколку лифтови, со кои движењето низ деветте ката е значително олеснето.
Она што на целиот проект му дава посебен белег е диференцираноста на секој оддел. На пример, на катот посветен за музика, покрај огромен избор на книги за музика може да се најде и пијано, на катот за деца, постојат неколку катчиња каде просторот е уреден специјално за најмладите жители на градот, додека на катот за свет, може да се најдат неколку географски карти.
Уште од самото отварање на библиотеката, истата е редовно посетувана од страна на младата популација на Штутгарт. На разните катови постојат голем број на бироа, каде што посетителите често доаѓаат за да ги спремаат своите испити, или да истражат некое од своите полиња на интерес. За таа цел, библиотеката е целосно дигитализирана, па на повеќе места на секој кат, постојат екрани на кои луѓето можат да ги пребаруваат книгите кои ги бараат во централната датабаза.
Секако, најголем впечаток остава самата библиотека, во која се наоѓаат илјадници книги. На еден од горните катови посветен на странска литература, изложени се книги на околу 150 јазици. Иако во магацинот на библиотеката се наоѓаат книги на македонски јазик, поради малиот интерес за истите, моментално тие не се изложени на полиците заедно со книгите на останатите јазици на балканските народи. Во иднина, доколку Македонија биде дел од Европската Унија, истите ќе мораат да се најдат на самите полици, со што дополнително би се афирмирал македонскиот јазик како дел од семејството на европски јазици.