Животот е хаос на четири тркала

Животот… животот е хаос на четири тркала.

Отсекогаш сум имал некаква лав-хејт врска со него. Истовремено го сакам и го мразам подеднакво. Тој бил често сведок на моите најголеми успеси, но и нем набљудувач на некои од моите најспектакуларни падови.

Неретко ми се случувало да токму во моментите кога сум мислел дека сите делчиња ми се наредени во некој однапред смислен редослед, тогаш кога конечно сум ја дофатил таа тешко достигнувачка состојба на спокој и задоволство, животот сурово ја растура сложувалката.

Ги распрснува сите мои соништа и замисли наоколу, правејќи ме длабоко да се сомневам во сето она за кое до пред еден миг сум го знаел како суштинска вистина. Како да сака да ми каже – Чекај малку, мислиш дека така лесно ќе излезеш на крај со мене?

Со текот на годините и по неколку вакви исцрпувачки циклуси на реструктуирање, од романтичен идеалист тој ме претвори во непоправлив циник кој повеќе на ништо не може вистински да се израдува.

Се почесто се чувствувам како да сум само на еден чекор, едно разочарување подалеку од тоа да се разлеам наоколу на едно мноштво од атоми и молекули, разлетани елементарни честички кои полесно ќе се снајдат од нивната збирна целина во оваа збрка наречена живот.

И на крајот, кога за момент помислувам дека не можам повеќе, дека сум го допрел дното на очајот  и сум спремен да се предадам, од некаде се јавува таа проклета нишка, таа незначително мала, но сепак доволно голема трошка волја, која ме турка да продолжам понатаму, ме тера повторно да се обидам да направам нешто од мене, во оваа борба наречена живот…